Апсолутно сум незадоволна со пресудата за Бојан Јовановски за кого реално не очекував под десет години казна затвор. Што се однесува до веќе осудената Катица Јанева очекував меѓу седум и осум години затвор, изјави јавната обвинителка Вилма Русковска по објавувањето на пресудите за случајот „Рекет“. Русковска најави жалба за двете пресуди по писмено добивање на пресудите.
Прашана дали е задоволна од тоа како заврши предметот, со оглед дека не се најде одговор каде завршиле парите, Русковска рече дека за осудителната пресуда веќе рекла дека не е задоволна со висината, особено за Бојан Јовановски.
„Јас сметам дека најголемиот дел завршиле кај Бојан Јовановски и Катица Јанева. Тоа е моето лично убедување, со оглед на тоа се што си купувал без никаков приход, а и самите знаете колку чини финансирањето на медиумска куќа, изјави Русковска.
Во однос на истрагата за случајот „Империја“, Русковска рече дека се работело интензивно, но сега поради коронавирусот сè уште не работат со странки.
„Стварно не знам уште колку ќе треба до завршување на истрагата. Предметот „Империја“, ако не го сметаме овој период со коронавирусот, е преземен пред релативно кратко време од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Зошто толку време требало додека сè уште беше во СЈО мене стварно не ми е познато“, изјави Русковска.