Владите на различни земји во светот ја проучуваат рекреативната употреба на „марихуаната“. Неодамна, Швајцарија излезе со истата идеја за проучување на рекреативната употреба на марихуаната, но на малку поинаков начин.
Денес, владата на Швајцарија соопшти дека може ќе им дозволи на 5.000 луѓе легално да пушат марихуана во пилот-студиите кои ќе помогнат да се формулираат нови правила за рекреативната употреба на марихуаната.
Швајцарската влада воведе закони за забрана на канабис уште во 1951 година. Сега, владата предложи ограничени пилот-проекти кои може да доведат до промени во законите за забрана на канабисот. Планот ќе биде отворен за коментари на јавноста до средината на годината, соопшти Федералната здравствена канцеларија.
Швајцарија веќе дозволува употреба на производи од канабис со помалку од еден процент на психоактивната супстанција ТХЦ.
Според процените на владата, околу 200.000 луѓе во Швајцарија користат нелегален канабис.
„Мора да можеме да тестираме нови модели на регулација, а да не ја поткопаме општата забрана на канабисот“, соопшти владата.
„Градовите укажуваат на негативните ефекти од сегашните закони, нелегалната трговија на јавни места се повеќе им пречи на луѓето и поради која се чувствуваат несигурно и намалените напори во борбата против трговијата со дрога во урбаните области“, се додава во соопштението.
„Како резултат на тоа, некои градови сакаат да откријат како контролираниот пристап до канабисот влијае врз неговата консумација, набавка и на здравјето“.
Неколку американски држави ги олеснија ограничувањата врзани со консумацијата на марихуаната. Во Европа канабисот е декриминализиран од страна на Португалија и Чешка, а Луксембург ја разгледува легализацијата.
Предложените швајцарски пилот-проекти ќе бидат ограничени на канабис и во нив ќе можат да учествуваат само возрасни, кои веќе го консумираат.
Владата, исто така, планира да го олесни пристапот на граѓаните до медицинска марихуана, но тоа ќе биде во рамки на посебен процес.