Во Собранието ќе започне расправата за избор на влада. Седницата, според известувањето е закажана за 11 часот, а расправата може да трае најмногу два дена.

„Очекувам добра дебата и мнозинство за од следната недела да имаме нова влада. Во фокусот ќе ни бидат решавањата на домашните проблеми, ќе бидеме влада која повеќе ќе се фокусира да сработи дома. Приоритет ни е справувањето со ковид-кризата, здравството, економијата, образованието, економијата и екологијата. Борба за секое работно место и за опстојување на фирмите, проверка на имотот на парите на функционерите, прочистување на судството, посветеност на преговарачките процеси со ЕУ и екологијата“, рече Заев, во изјава откако до Собранието го поднесе предлог-составот на новата влада и предлог-програмата.

Новата влада ќе биде помала, односно ќе има 19 министри, наместо досегашните 26 министри.

СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.

Покрај Заев како премиер, за членови на владата се предложени и: Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата влада.

ДУИ во владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, Насер Нуредини министер за животна средина, а за министер за информатичко општество и администрација е предложен Јетон Шаќири.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here