Иако кампањата за претседателските избори официјално започнува на први април, кандидатите веќе наголемо крстарат низ земјата. Кандидатот на владејачката коалиција Стево Пендаровски, кој вчера беше во посета на Битола, сè уште предизвикува публицитет во јавноста со аферата „следење“, додека неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова, која викендов беше во Прилеп и Крушево, сè подлабоко се вкопува во рововите за одбрана на името на државата станувајќи сè поостра кон политичките ривали.
Во однос на пријавата што пред три дена ја поднел до СВР-Скопје, Пендаровски очекува брза реакција. Верува во институциите дека низ процедура ќе откријат дали бил следен или не бидејќи, како што рече, не станува збор само за него.
„Претпоставувам дека станува збор за еден подолг временски период наназад во кој одредени јавни личности, политички опоненти, великодостојници на МПЦ… се евентуално следени“, рече Пендаровски од Битола. Ваквата изјава на националниот координатор за НАТО доаѓа само ден по тврдењата на премиерот Зоран Заев дека тие што го сликале, го сликале само за да докажат каков автомобил всушност има и вози. Наспроти дисонантните тонови околу оваа епизода, Пендаровски вчера нагласи дека е на иста линија со премиерот во однос на националното помирување.
„Во наредниот период сакам да се фокусирам посебно на тој проблем. Наша задача е да иницираме процес што ќе доведе до заздравување на тие рани“, рече Пендаровски.
Силјановска, пак, овековечена и со фотографија пред споменикот „Македониум“ во Крушево, не престана да фрла со дрвја и камења по „Северна“.
„Ако е реформа да промените име, не знам каква реформа е тоа. Не, не пишува горе Северен Македониум, не пишува дека се бореле илинденците за некаква си Северна Македонија. Никогаш никој во историјата не споменувал такво нешто, впрочем ги знаеме асномските одлуки. Но и нив ги забошотија, па ги сменија со некаков проглас. Проглас не е акт, велиме ние правниците“, рече Силјановска на средбата со крушевчани. Претходно во емисијата „360 Степени“ на Алсат најави дека како идна претседателка прво би се зафатила со уставни измени, што дел од политичките познавачи го протолкуваа како излегување од рамката на ингеренциите на шеф на државата. Таа смета дека нашиот Устав не овозможува функционална демократска држава и тоа го поткрепува со начинот на поделба на власта во земјава со што моќта се концентрира кај премиерот.