Дел од обвинетите јавно изјавија дека не сакаат амнестија туку правда, и дека ќе ја докажат нивната невиност. Минимум 10 години е казната затвор за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Целото внимание на јавноста денеска е насочено кон Основниот суд Скопје 1, каде во 12 часот ќе биде објавена пресудата за настаните од 27-ми април 2017 година. Имајќи го предвид големиот интерес на јавноста, Кривичниот суд преку соопштение ги извести сите медиуми и невладини организации кои ќе ја следат објавата на пресудата, да дојдат во судот најдоцна до 11 часот и 45 минути заради подготовка на технички и просторни услови.
Во предметот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за настаните од 27 -ми април, обвинети се Митко Чавков, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Игор Дурловски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Анѓеловски, Игор Југ, Влатко Трајковски, Вилијам Михајловски, Никола Митревски Кољо и Александар Василевски – Нинџа.
Со оглед дека за кривичното дело од член 313 од Кривичниот законик – „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ се заканува казна затвор од минимум 10 години, во јавноста веќе се вртат разни прогнози за вкупниот број години затворска казна што Судот може да ја изрече денеска. Прв со таква проценка се огласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој во интервју на ТВ „Сител“ изјави дека слушнал оти „вкупната пресуда ќе биде над сто години за сите обвинети од 27-ми април“.
Проблематична споредба
Но, она што предизвика најмногу реакции, беше споредбата од страна на Мицкоски на овој судски процес со „нирнбершкиот“. Од СДСМ го искритикуваа тој чин, и порачаа дека мора да има одговорност за организаторите, нарачателите и извршителите на насилството, преку транспаретна и законска судска постапка.