-Се ни е како во сон, уште не можеме да сфатиме дека ова навистина се случува. Настаните се нижеа еден по друг за многу кратко време, но полека се совземаме и ги средуваме мислите. Песимизмот дека мојот татко Иван ќе добие срце, дека ќе добие шанса за живот, денес веќе е зад нас – за „Фокус” раскажува Васил Огњановски, син на Иван (54), првиот пациент во земјава кој по пат на трансплантација од починат донор доби срце.
Комплицираната операција се случуваше синоќа, цели шест часа, кои семејството на Иван од Скопје ги поминало во грч и неизвесност. Кога утринава во телефонски разговор од клиниката ги известиле дека се е во ред, дека новото срце на Иван започнало да чука, заплакале од среќа.
-Се започна сосема ненадејно. Татко ми по професија е молер, долги години живееше во Русија, се врати пред околу пет години. Немаше здравствени проблеми, но пред околу четири месеци започна да се жали на отежнато дишење, на умор. По прегледите на клиника, му беше направена коронарографија на срцето. Препораката беше да му се направи бајпас операција. Но, ноќта пред операцијата, работите тргнаа лошо. На татко ми му се слошило на клиника, паднал во клиничка смрт, лекарските тимови го реанимирале цели десет минути… Го вратија назад, го спасија. Денес по втор пат го спасија неговиот живот, кога му го трансплантираа новото срце – раскажува Васил.
Вели дека кога лекарите пред неколку месеци му кажале дека единствена шанса за живот му е трансплантација на срце, или евентуално да добие механичко срце, целото семејство гледало песимистички на прогнозата и не верувале дека Иван ќе се спаси. И самиот Иван, не верувал дека некогаш ќе добие срце, бидејќи таков зафат во земјата се немаше направено на ниту еден пациент. На некој начин, се помирил со судбината дека треба да го чека судниот ден.
-Пред два дена првин мене ми се јавија од клиника, ми рекоа да му пренесам на татко ми да оди на контрола. За кратко и него му се јавиле, го известиле дека има срце, дека семејството на починатото лице е согласно да го донира. Тој многу се исплаши, дури и не сакаше да оди. Морав да го убедувам, му појаснував дека ова е неговата единствена шанса за живот. Ќе одиш и ќе живееш, или ова ќе биде крајот, му реков. Друго нема. Некако ме послуша, со страв замина на клиника. Му беа направени сите потребни испитувања, му кажаа дека трансплантацијата може да се изврши. Тој до последното не веруваше дека сето тоа се случува, дека ќе биде првиот пациент во Македонија кој ќе добие срце од донор- вели Васил.
Околу срцето, единствено им било кажано дека е од жена која починала во сообраќајна несреќа. Дури утринава Васил од медиумите го дознал името на жената чие срце сега чука во градите на неговиот татко, за прв пат на фотографија го видел нејзиниот лик.
-Денес од медиумите дознав за Емилија, за нејзиното семејство, за тоа дека е од Стар Дојран, дека со мопед имала сообраќајна несреќа, по што доживеала мозочна смрт. Го видов нејзиниот лик на фотографиите, не можам да ви опишам како се чувствуваме сите. Им праќаме благослов на нејзините блиски, на семејството кое покажа невидено човекољубие и се реши да спаси три животи, на татко ми и на уште две лица со бубрежни болести, на кои им се донираа нејзините бубрези. Сочувствуваме со големата болка на нејзиното семејство, искрено би сакале да се запознаеме, лично да им се заблагодариме. За овие теми, вистински зборови не можат да се најдат. Благослов до сите кои учествуваа во целиот процес, до лекарски тимови, до целата јавност која покажа голема солидарност и ни даде огромна поддршка – појаснува Васил.