Деведесет и девет отсто од пациентите со коронавирус доаѓаат со средна или тешка клиничка слика, вели директорот на Градската општа болница,„ 8 Септември“ за ТВ 24. Само во изминативе 24 часа примени се 15 нови пациенти, сите со потешки симптоми на вирусот. Заради зголемениот прилив на пациенти, болницата отвора два нови оддели за КОВИД 19.

„Деведесет и девет отсто од пациентите кои што се примени заради КОВИД 19 се со средна и тешка или пак многу тешка клиничка слика. Немаме пациенти со лесна клиничка слика. Имаме отворено осум оддели, два нови отворивме заради приливот на пациенти. Воглавно трансформирани се одделите каде што има централен довод на кислород, заради тоа што голем дел се на кислородна поддршка, а во интензивната нега имаме 15 пациенти со многу тешка клиничка слика кои што се поставени на респиратор“ – вели д-р Христијан Костов – директор на ГОБ „8 Септември“.

Уште три медицински сестри кои што работат во болницата се заразени со коронавирусот. Кај вкупно дваесет вработени е потврден вирусот.

Шеснаесет медицински сестри и пет лекари специјалисти за интерна медицина од внатрешноста дојдоа на испомош на медицинскиот персонал.

„Тие се сега на кратка обука за да се запознаат со протоколите и ќе влезат во системот на лекување на овие пациетни. Добивме и пет специјалисти по интерна медицина, тоа ни е малку, но преку Министерство за здравство имаме инфомрација дека ќе добиеме уште 6 специјалисти кои што ќе бидат активно вклучени во лекувањето и ќе бидат дел од нашиот тим кој што веќе три месеци се нон-стоп вклучени во лекувањето на овие пациенти. Како расте бројката така се прошируваат и капацитетите на болницата, нема стравови дека ќе дојде некој пациент и нема да биде примен“ – рече Костов.

Градската општа болница уште од почетокот на епидемијата е претворена во КОВИД центар. Во однос на сите други пациенти кои што имаат потреба од каква било интервенција директорот Костов вели дека истите се препраќаат во Клиничкиот центар или пак во Градската болница „Свети Наум Охридски“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here