Обезбедувањето во Министерството за здравство утрово побарало полициска интервенција откако непознато лице седело на скалите пред Министерството чекајќи го министерот Венко Филипче. По реакцијата на обезбедувањето, лицето побегнало. Но, по интервенција на полицијата, лицето имало куса средба со министерот.
Филипче вели дека побарал да разговара со мажот и од разговорот дознал дека тој имал проблем со прием во болница на испитување.
„Човекот беше вознемирен, имал некој проблем со закажување термин на клиниката и го пратив кај колегите да му помогнат. Му дадов телефон и го чекам да ми јави дали завршил работа“,
вели Филипче.
Полициската екипа од станицата во Центар во белешката од настанот навела дека се работи за 33-годишниот А.А. кој не бил вооружен. По кусата средба со министерот Филипче, тој си заминал.
Поради состојбата со коронавирусот, болниците во земјава ги примаа само итните пациенти. Но министерот Филипче вчера најави дека болниците се подготвуваат од следната недела да почнат да примаат редовни пациенти, чии прегледи и интервенции беа одложувани.
Во тек се подготовките на терен и се прават списоци од пациенти кои ќе се примаат според однапред утврдените протоколи, во координација со системот за закажување „Мој термин“.