Овој втор бран е резултат на непочитување на мерките. Првиот бран успешно го контролиравме, но непочитувањето на рестриктивните мерки во периодот од 23 до 25 мај, точно пред две недели го предизвика овој втор бран. Вирусот е тука, мора да научиме да живееме со него, но и доследно да ги почитуваме универзалните мерки – маска, дезинфекција и физичка дистанца, изјави денеска Венко Филипче, министерот за здравство.

Министерот изјави дека деновиве се направени тестирања на контактите на веќе дијагностицираните заразени лица.

„Оваа бројка е резултат на тоа и ова беше очекувано. Извршивме таргетирано тестирање  за да дојдеме до рана дијагностика. Се покажа дека најголемиот број на заболени се лица кои присуствувале на семејни собири, изолирани се контактите на заболените. Полицискиот час викендов дозволи полесно и побрзо тестирање. Иницијалниот отпор за тестирање е сѐ помал. Епидемиолозите полесно пристапуваат и тестираат. Огромен дел од новодијагностицираните заразени лица се со лесна клиничка слика и асимптоматски. Непочитувањето на мерките нѐ доведе до овој нов бран“, рече Филипче.

Комисијата за заразни болести денеска предложила враќање на дел од рестриктивните мерки, а Владата за ова ќе заседава утре кога треба да се одлучи за евентуално враќање на рестрикциите на движењето. Неофицијално, предлогот е враќање на полицискиот час во Скопје, Штип, Куманово и Тетово од 22 до 5 часот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here