Повеќе од 1.000 мигранти се откриени во изминативе две недели од МВР при нивниот обид илегално од Грција, да ја минат територијата на Македонија и да се упатат кон ЕУ.
Ова е уште една цена која Заев мора да ја плати за да биде на чекор до билет за ЕУ. Неговите европејски миленици ги бркаат мигрантите од своите држави, па сега истите пристигнуваат во Македонија.
Повеќе од 1.000 мигранти од земјите од Блискиот Исток, Африка и Азија се откриени во изминативе две недели од македонската полиција при нивниот обид илегално од Грција, да ја минат територијата на Македонија и потоа да се упатат кон некоја од земјите од Европската Унија. Само вчера полицијата откри 59 мигранти.
Според МВР, во куќа во кумановското погранично село Ваксинце откриени се 51 мигрант, меѓу кои имало и шест малолетни лица. Триесет и осум од мигрантите биле од Пакистан и 13 од Авганистан. Истиот ден пак откриени се други осум мигранти од Пакистан. Тие биле превезувани во автомобил „рено меган“ кој сообраќал на автопатот Скопје – Куманово. Возачот на автомобилот кај патарината „Романовце“ удрил во полициско возило. Во несреќата нема повредени. По незгодата, возачот на возилото избегал, а во возилото биле пронајдени мигрантите.
Од полицијата велат дека тимот кој се справува со илегална миграција покажал големи резултати откривајќи 878 илегални мигранти кои сакале да влезат во земјава, од кои дури 680 се откриени на граничниот премин Богородица.
– Пред некој ден во камион беа откриени 142 илегални мигранти, а лицето кое го сторило тоа кривично дело е идентификувано и против него, во соработка со јавното обвинителство, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Земјата се уште се соочува со предизвиците од илегалната миграција. Откривањето на мигрантите на овој потег во државата се поместува југоисточно, во струмичкиот регион. Во изминатот период најчесто мигрантите ја користат планината Беласица за илегално преминување на државната граница. Како рутата за илегални преминувања се поместува кон струмичкиот регион, така се засилуваат и контролите и на овој дел од Југоистокот. Со отворањето на границите на европските држави се зголемува и притисокот за влез и транзит на мигранти низ земјава. Само во март, април и мај годинава откриени и фатени се 3.047 мигранти – велат од полицијата.