Штип е центар на текстилната индустрија во Македонија. Но, токму гранката што го храни придонесе градот да е меѓу лидерите по бројот на заразени од ковид-19.
„Од првиот ден кога се појави во една конфекција требаше сите конфекции да се стопираат.“
„Нормално дека постои страв. Многу нагло почна да се шири.“
„Контроли почнаа од понеделникот, кога се случи овој пикот во Штип“,
велат текстилни работници.
Градоначалникот смирува.
„Сметам дека до овој момент состојбата е под контрола“,
вели Благој Бочварски.
Но, со него не согласуваат локалните здравствени власти.
„Во Штип, моментално, мислам дека е избегана од контрола“,
вели д-р Марија Димитрова, директорка на ЈЗУ Центар за јавно здравје-Штип
Кој е виновен и може ли епидемијата брзо да се смири?
Како жариште на ковид-19 Штип почна да се смета откако вирусот влезе и во текстилната индустрија каде што работат повеќе од 7 000 лица од градот и околината. Сега главен предизвик е да се лоцираат суспектните лица на вирусот, а уште поголем, да се контролира поведението на граѓаните и на работно место и надвор од него.
Центарот за јавно здравје во Штип работи со полна пареа. Освен редовни тестирања и анкети, институцијата направи и скрининг во неколку фабрики.
Првичните резултати се неповолни. Во првата конфекција што била под скрининг позитивни на ковид-19 се дури половина од вработените. Најголемиот дел немале симптоми на болеста.
„Она што ни се случува сега е ширење на болеста помеѓу населението поради енормен број на контакти. Дали е тоа маж, соседи, пријатели деца на позитивните лица, моментално имаме огромен обем на работа“, вели д-р Марија Димитрова, директорка на ЈЗУ Центар за јавно здравје-Штип.
Тестирањето на текстилците се прави во фабриките во кои работат. Додека не заврши процесот и не добијат резултати, вработените мора да останат дома.
„Нормално, страв има. Психата те јаде. И да си здрав, стануваш болен. Самата психа те убива. Дома што ако сум два дена, страв ми е јадење да направам“, вели Емилија Симонова, текстилна работничка.
Емилија Симонова смета дека тестирањето само во дел од фабриките е залудно ако останатите продолжат да работат.
„Сите фирми требаше да се стопираат од тој ден, сите. А сега се прошири, прошири… не знам до кога“, вели Симонова.
Според текстилните работници, вината што вирусот се проширил е во организираниот превоз со кој тие одат на работа.
„Автобусите се секогаш преполни и мислам дека од таму почна сѐ“, вели Миле Марков, текстилен работник.
„Тие требаше да преземат навреме, не сега. Зашто автобусот доаѓа од Сокоралци, Чешиново, од селата таму, па до Штип сите села ги собираше навака. Десет села во еден автобус“, додава неговиот колега Јоцо Стојанов.
Дури по појавата на голем број заразени, автобусите почнаа да излегуваат од фабриките полупразни. Но, тоа значи и дека дел од вработените се оставени сами да се снајдат – како до и од работа.
Повеќе можете да прочитате на https://360stepeni.mk/