Преку 40 артисти и музички бендови настапија пред илјадници посетители во рамките на „Д Фестивал“ што годинава за прв пат се одржа во Штип. Градоначалникот Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека ваквите настани не само што ја збогатуваат културната сцена, туку директно придонесуваат и за локалниот економски развој.
На денешната прес-конференција по завршување на фестивалот, Јорданов рече дека настанот придонел сите сместувачки капацитети да се пополнети во градот, како и сите угостителски објекти да имаат работа.
-Го привлековме вниманието на јавноста во Македонија, но и надвор од нашите граници. Ова е клучно за да се генерира локален економски развој. Во изминатите неколку денови Штип беше центар на Макеоднија од повеќе аспекти. Верувам дека така и ќе продолжиме, се она што се организира е во насока на поддршка на културата, уметноста, но и на локалната економија. Илјадници гости од страна престојуваа во Штип, сите сместувачки капацитети беа закупени, сите угостителски објекти функционираа и на крај имаше одлична забава на реномираниот „Д Фестивал“, изјави Јорданов.
Според градоначалникот тестот е положен, а Штип уште еднаш се покажа како добар домаќин, овој пат на „Д Фестивал“. Добрата организација и одличната програма, како што дополни, привлекле голем број посетители.
-Штип во овие три изминати денови го положи тестот, покажавме и докажавме уште еднаш дека сме добри домаќини. Илјадници посетители престојуваа во нашиот град, се забавуваа, уживаа во композициите, во уметноста, така и ќе продолжиме, рече Јорданов.
„Д фестивал“ за првпат годинава се одржа во Штип и беше од хуманитарен карактер, односно собраните средства ќе бидат наменети за повредените од пожарот од дискотеката „Пулс“ во Кочани.