Сосем неочекувано, канадскиот поп пејач Џастин Бибер синоќа преку неговиот Twitter реши да го предизвика холивудскиот актер Том Круз на борба во октагонот на УФЦ. Тој му се обрати на Круз, но и на Дејна Вајт, кој е шеф на УФЦ.
Оние што ја следеа активноста на Џастин Бибер на социјалните мрежи синоќа, најпрво можеа да ги прочитаат неговите најави за нова музика, но набрзо тоа се претвори во најава за потенцијален ТВ спектакл.
„Сакам да го предизвикам Том Круз на борба во октагонот. Том, ако не ја прифатиш оваа борба значи дека се плашиш и нема да ти дозволам да го заборавиш тоа. Кој сака да ја организира борбата… @danawhite?“, напиша Бибер на неговиот Twitter профил.
Предизвикот на Џастин Бибер предизвика лавина од реакции на социјалните мрежи, а во нив се вклучи и некогашниот шампион на УФЦ, Конор Мекгрегор. Тој, наместо да мисли на неговата следна борба, се понуди да биде водител и организатор на настанот во кој двете светски ѕвезди ќе ги одмерат силите.
„Ако Том Круз е доволно маж за да го прифати предизвикот, McGregor Sports and Entertainment ќе ја организира борбата. Дали Круз знае да се тепа како на филмовите? Останете за да дознаете!“, напиша Конор Мекгрегор.
Реакциите на корисниците на Twitter беа поделени. Едната страна и понатаму смета дека Том Круз би го победил Бибер во борба поради тоа што актерот има долгогодишно искуство со боречки спортови, благодарение на неговите тренинзи и подготовки за акционите филмови кои ги снима. Други, пак, мислат дека Џастин Бибер ќе излезе како победник поради тоа што е помлад, поагилен, а и повисок од Том Круз.