Мудриот човек сопствената грешка ја решава сам со себе си, ниту ја бара, ниту ја наметнува кон некој друг!
На овој начин треба да размислуваат и “паметните” политичари и нивните активисти, затоа што утехата за сопствените грешки не ја бараат во себе си, туку во македонскиот народ!
Исходот од првиот круг на претседателските избори беше кобен, фатален и неверојатно збунувачки за сите кои се удираа во гради дека се над народот и над татковината.
Сепак, кој високо лета ниско паѓа, некој на површина од земјата, но повеќето од силината на ударот и под земјата.
Кампањата за вториот круг веќе започна, па некој се дрзна да даде дијагноза на македонскиот народ, укажувајќи му дека треба да ги заборави грешките на моменталната власт и да ги овековечи грешките создадени од пред 11 или 20 години!
Само ќе потсетиме, партиите кои доаѓаат на власт, треба да бидат подобри од претходните, да не се навраќаат на минатото и да делуваат кон подобра иднина.
Всушност, народот го доделува својот глас токму заради ова, грешките на претходните, да ги исправат сегашните власти, а доколку и тие не успеат, треба машки да се подготват за црвениот картон, без црвено – насолзени очи.
Тој што го обвинува македонскиот народ, оди против самиот себе, против партијата која ја застапува и државата во која живее.
Кога зборуваме на оваа тема, ајде да се потсетиме на една некогашна политичка “икона” која изјави: Македонскиот народ е во право, па дури и кога греши!
Седењето на престолот може да биде фатален за владетелот, особно кога тој ќе се оддлечи од народот кој го изгласал за таа позиција.
Старата изрека вели: „Кој работи, тој и греши“. Само, прашањето кое се наметнува потоа е дали оние кои ќе згрешат ја признаваат својата грешка или ја бараат и наметнуваат во другиот!
Македонскиот народ повеќе нема трпение за експерименти, празни ветувања и слама исполнета со “протеинска” демагогија, напротив, повеќе од долго ја чека светлината и правдината.
Драги “владетели”, отрзнете ја главата, разбистрете го умот и просветлете се’, нека ве води гласот на македонскиот народ!