Кабинетот на претседателот во заминување Ѓорге Иванов на последниот работен ден од неговиот мандат побарал од владината Служба за општи и заеднички работи да му бидат доделени канцеларии што ќе ги користи по престанокот на функцијата.
Од СОЗР потврдуваат дека писменото барањето од Иванов пристигнало претпладнево и ќе биде одобрено, бидејќи буџетот за канцеларијата изнесува 8 проценти од годишниот буџет на претседателскиот кабинет, што е во согласнот со постоечкиот Закон за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата.
Досегашниот претседател веќе нашол канцелариски простор и бара да биде склучен договор за негово изнајмување.
Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, тој има право на месечна пензија од околу 100.000 денари до крајот на животот, канцелариски простор и најмногу три соработници, потоа има право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.
Од поранешните претседатели, Бранко Црвенковски има доживотна претседателска пензија и кабинет, додека семејството на загинатиот претседател Борис Трајковски, неговата сопруга Вилма и децата имаат други права предвидени со Законот.
Според Уставот и законот, доживотните привилегии еден поранешен претседател може да ги загуби само ако бил разрешен со импичмент или ако Уставниот суд констатирал за време на мандатот дека претседателот има деловна неспособност.