Во вчерашното второ евровизиско полуфинале во Тел Авив, македонската претставничка Тамара Тодевска успеа да се пласира за настап во саботното финале со композицијата „Горда“ (Proud), пласман што претходно го предвидуваа и обложувалниците, и новинарите. Со нас, за место во финалето се изборија и Холандија, Албанија, Шведска, Русија, Азербејџан, Данска, Норвешка, Швајцарија и Малта.
На прес-конференцијата одржана непосредно по завршувањето на полуфиналето, на нашето прашање дали со овој успех чувствува дека на некој начин се оддолжила за досегашните неуспеси и за бурата реакции кои следуваа по нејзиниот избор за наш претставник на натпреваров, Тамара одговори дека, секако, е горда што успеала земјата да ја доведе до долгоочекуваното финале и – во дух на песната со која тоа го постигна – се надева дека „сите ние чувствуваме гордост и за постигнатиот успех, и за нас самите“. Исто така, се заблагодари на целиот свој евровизиски тим кој неуморно работи заедно со неа.
Со овој пласман е прекината нашата шестгодишна евровизиска суша и по 2012, кога за последен пат сме имале претставник во финалето со Калиопи и „Црно и бело“, запрена е серијата неуспешни обиди за повисок пласман. Оценките за синоќешниот настап на Тамара се исклучително позитивни: холандските коментатори, на пример, ја прогласиле за најдобра од сите останати вечерта – секако, по нивниот претставник Данкан Лоренс.
ТАМАРА ВЛЕЗЕ ВО ФИНАЛЕТО НА ЕВРОВИЗИЈА
Евровизијата продолжува денеска со првата генерална проба и со жири-финалето. Во саботното финале кое започнува во 21 часот, Тамара ќе настапи под реден број 8, по Сан Марино, а пред Шведска. Како прва ќе настапи Малта, а како последна, под реден број 26 – Шпанија.