Математиката е лесна, како песна, смета матурантката во гимназијата „Славчо Стојменски“ – Штип, Јована Илиева, која годинава стана државен првак по математика. Скромна и со убава насмевка, оваа 17-годишна девојка секојдневно живее во светот на бројките и на геометриските тела и фигури.
Од широкото поле што го нуди математиката, како наука посебен предизвик ѝ е геометријата. Откако ги поминала општинските и регионалните натревари, во Скопје заедно со голем број математички таленти од земјава се натпреваруваше на државниот натревар по математика и го освои првото место.
–Натреварот траеше три и пол часа, не можам да кажам дека беа лесни задачите, бидејќи е државен натревар и станува збор за задачи што се на едно повисоко ниво. Многу посложени се задачите на олимпијадите и можеби тие би ги израмнила со оние што се учат на факултет. Но, не би можела да кажам за државниот дека се едноставни, вели Илиева.
Јована во текот на разговорот за МИА ни откри дека математиката ја засакала уште во основното училиште, поддршка и мотивација имала од родителите, а нејзината професорка, Татјана Ушинова, подоцна и Валентина Шалева, уште тогаш ја поттикнувале да учествува на натпреварите, со што почнала и подлабоко да навлегува во оваа наука. –Почнав да учам и надвор од материјалот што го учевме во училиштето, а на тој начин ми се зголемуваше и успехот, воедно ми се зголемуваше и љубовта да откривам нови делови од математиката. За да бидеш добар математичар би рекла дека е потребно секојдневно да решаваш задачи.
Но, зависи и од личноста колку време ѝ е потребно во текот на еден ден да решава, но сепак неколку часа на ден се потребни за да се постигнат добри резултати, потенцира Илиева. Математиката за некои е асптрактна, тешка, но за Јована е посебен свет, каде што најважна е логиката, размислувањето, да знаеш како да ги искористиш математичките правила и операции и, како што вели таа, да знаеш да се снајдеш во задачата. Државниот првак по математика вели дека учи во математичка паралелка во штипската гимназија и нејзините другари од класот ја сакаат оваа наука и не им претствува проблем како наука. Нејзин ментор во штипската гимназија е професорката Благица Давиткова, која ѝ дава дополнителни материјали да се надградува и вежба.
– Можам да кажам дека доста задачи има и на интернет на англиски јазик. Секако користам збирки и списанија што ги издава Сојузот на математичарите „Сигма“ и таму исто така има доста добри задачи. Секој дел од математиката е интересен, но како интересна ми е геометријата и исто така можам да ги издвојам и равенствата, вели Илиева.