Отворањето на границите за слободно движење и за туризам меѓу земјите од регионот станува сè повеќе можно. Протоколот со кој ќе се дефинираат правилата за отворање на границите и слободно движење меѓу соседните земји, ќе биде изготвен следната недела.
„Овие протоколи ќе бидат дискутирани со другите соседни земји, со цел да имаат унифициран пристап и услуги во регионот. По поднесувањето на протоколите, ќе очекуваме одговор од другите држави“, наведуваат од министерството за здравство.
Првата средба на институционално ниво по ова прашање се одржа вчера меѓу министерот за здравство, Венко Филипче и неговиот грчки колега Василис Кикилиас.
„Двајцата се согласивме дека е неопходно да се обезбеди брз проток на границите, кои се крајно оптоварени во текот на летото и да се обезбеди лесен пристап до здравствените услуги на граѓаните доколку се заразат со корона вирусот за време на престојот во Грција и во Северна Македонија“, рече министерот Венко Филипче.
Додека институциите во Македонија се повоздржани околу можниот датум за отворање на границата, премиерот на Албанија Еди Рама најави нивно отворање во текот на мај.
„Ние сакаме да се држиме до целта, за да можеме во мај да ги отвориме сите патишта за Албанците, на Албанија, Косово и за сите Албанци каде и да живеат, како и во функција на туризмот”, изјави Рама.
На 17 март, Владата на Македонија донесе решение за затворање на копнените и воздушните граници, како мерка на претпазливост против ширењето на корона вирусот.