Обвинителството докажа дека обвинетите Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева ги сториле кривичните дела за кои се обвинети, сигурна е обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

„Обвинетата Катица Јанева е уште во филмот на Чарлиевите ангели, кои ние ги издигнавме највисоко на пиедесталот. Ние се разочаравме од нашите Чарлиеви ангели, зашто клучната фигура Јанева помина на страната на злото”, ги почна таа завршните зборови на судењето “Рекет”, кое е пред пресуда.

Сведокот Мирјана Бошковска од „Орка Холдинг” кажа како етапно ги вадела сумите, од кои нам обичните коса на глава ни се крева, оти не сме виделе толку пари, тврди Русковска дека точно е тврдењето на Камчев дека Јовановски му зел 1,5 милион евра за да го спаси преку тогашната специјална обвинителка Катица Јанева од истрагата „Империја”.

Русковска упати на сведочењето на Ана Камчева, сопруга на пријавителот на рекет од 1,5 милион евра, како етапно му ги давала илјадниците евра на Боки 13. Таа не носела ташна кога ја виделе во домот на Боки 13 во Орман кога си заминувала.

„Што бара жена сама без ташна?”, праша Русковска.

Потоа почна да ги чита снимките што си ги правел Камчев. За Русковска, нивната содржина е доказ дека Камчев ја зборува вистината. Првин му понудил лиценци за изградба на фешн молови, а потоа му барал „цигара”, па “две цигари”, алудирајќи на милиони евра. Камчев оди во притвор, а потоа и во куќен притвор, продолжуваат контактите на Јовановски со сопругата на Камчев, а потоа и до него, давајќи му информации од истрагата.

За Јанева кажа дека не е проблемот во даденото мислење за да му се даде времен пасош на Камчев. Проблемот се причините поради кои го направила тоа, рече Русковска, а тоа е алчноста за пари. Покажа фотографија од Јанева со евра на масичката во нејзината куќа, од Јовановски кој направил видеоклипче. На судењето кажаа обвинетите дека тоа биле пари за гарнитурата, за што Русковска кажа дека е лага. Кажа дека само била дадена гаранција, а гарнитурата не била платена.

Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска рече дека на балканска ѕвездичка како Бојан Јовановски големите модни магнати како Армани, Версаче… не е возможно да му подарувале парчиња. Тие подаруваат само на А-класа ѕвезди. Останатите ѕвездички сами си купуваат, ако имаат можност да си дозволат, се разбира. А дека наследство му оставила баба му, па со таа сума не може во Милано да отиде.

Натаму, за 13-те уметнички слики од Личеноски, Мартиновски, Камилов… рече сведок дека на Јовановски му биле дадени на реверс. Но, документ во галеријата за реверс, не беше најден.

Потоа ги демантираше сите легални приходи кои ги наведе Јовановски, кој бил невработен и со блокирана сметка кога ги вршел кривичните дела за кои е обвинет, како „примање награда за противзаконито влијание” (милион ипол евра од Камчев) и “перење пари”.

Натаму, ги поврза Јанева и Јовановски со фотографија во нејзиниот кабинет во СЈО, на која таа го држи во рака предметот „Империја”. Од текстот се чита „Цветан Панделески”, второосомничен во „Империја”, заедно со Камчев. Оттука, рече Русковска, лага е дека Јанева и Јовановски само се дружеле и збореле за себе, за семејствата, за љубов, а ништо за предметите на СЈО.

Потоа, за тврдењата на Јовановски дека никогаш не ја допрел торбата „Луј Витон” со наводни евра, Русковска прикажа фотографија од мобилен телефон, со тросед, скрстени нозе на човек седнат на троседот и предмет за кој таа рече: „Еве ја торбата ‘Луј Витон’. Еве ја, завршила во домот на родителите на Бојан Јовановски”.

Одбраната реагираше за фотографијата, бидејќи во завршни зборови не се изведуваат нови докази, а судијката се согласи и кажа дека фотографијата нема да биде земена предвид.

Судењето продолжува на 1 јуни со завршните зборови на Јовановски и на Јанева.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here