По повеќе од една година откако беше донесена првосптепената пресуда за најмасовниот судски предмет за настаните од 27 април 2017 година во Собранието, денеска во Апелацискиот суд во Скопје на јавна седница ќе се разгледуваат жалбите на обвинетите и на обвинителството. За оваа јавна седница во судскиот календар предвидени се три дена – од денеска до петок.

На 15 март лани, судијката Добрила Кацарска, која беше на чело на судечкиот совет, ја изрече пресудата со вкупно 211 години затвор за 16 лица, а само Игор Дурловски беше ослободен. Сите осудени се во притвор, а меѓу нив повеќето се лица вработени во МВР и лица кои се товареа за директни извршители на насилството. Делото кое им се става на товар е терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Највисока казна затвор од Кривичниот суд доби тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков – 18 години.

По 15 години затвор добија: Душко Лазаров, Митко Пешов, Горан Ѓошевски Леви, Мунир Пепиќ, Никола Митревски-Кољо, Јане Ченто и Влатко Трајковски.

14, пак, Вилијам Михајловски.

Една година помалку или 13 години судот изрече за Оливер Поповски.

На казни од 12 години затвор со првостепената пресуда осудени се: Игор Југ, Младен Додевски и Горанче Ангеловски Ќосето.

10 години доби Оливер Радулов.

Под 10, пак, добија единствено Александар Василевски-Нинџа – 8 години и членот на собраниското обезбедување Абдулфета Алими – 7 години.

Пресудата во овој предмет не ја дочекаа 15 лица бидејќи беа опфатени со Законот за амнестија кој беше донесен во Собранието во декември 2018. Меѓу амнестираните имаше и петмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и тројца од водачите на протестите „За заедничка Македонија“.

Амнестија побараа и добија: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.

Во Основниот кривичен суд во Скопје, пак, во тек е и судски процес познат во јавноста како „Организаторите на 27 април“. Во него, за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на обвинителка клупа седат поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристковки и Миле Јанакиески и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Во оваа истрага беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК Никола Бошковски, но бидејќи се недостапни за македонските органи, постапката за нив е запрена и како што беше соопштено од обвинителството, ќе продолжи тогаш кога ќе бидат достапни и обвинителството ќе може да им земе исказ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here