Таткото на триесет и едногодишната Моника Ристеска алијас Конопова во текот на вчерашниот ден во полиција пријавил дека таа го нападнала него со тврд предмет. Пријавата, според она што е заведено во полицискиот билтен, се однесува на истиот настан за кој Моника алармираше на социјалните мрежи.
Таа, на 26 мај, споделувајќи експлицитни фотографии на социјалните мрежи на кои беше со крваво лице, соопшти дека е жртва на семејно насилство и дека нејзиниот татко вечерта ја нападнал со дрвено столче. Уште вечерта го пријавила во полициска станица, а се упатила и во болница каде што ѝ била укажана медицинска помош.
По нејзината пријава, Министерството за внатрешни работи извести дека на 26.5.2020, околу 22:30 часот, на ул. „Антон Чехов“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Р. (64) од Скопје поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело.
„Претходно, неговата ќерка М.Р. (31) од Скопје пријавила дека околу 20:30 часот во семејниот дом на ул. ‘Антон Чехов’, по претходна расправија, таа и нејзината мајка К.Р. (62) од Скопје биле физички нападнати од нејзиниот татко С.Р. (64) од Скопје“,
соопшти тогаш МВР.
Нејзината мајка, пак, преку социјалните мрежи демантираше дека била нападната.
Нејзиниот татко со иницијали С.Р. вчера во 11:30 часот пријавил дека истиот ден, на 26 мај, бил нападнат од својата ќерка.
Пријавата е евидентирана во денешниот полициски билтен.
„Вчера, во 11:30 часот, во полициската станица Ѓорче Петров, С.Р. (65) од Скопје пријавил дека на 26 мај 2020, околу 21:30, часот во семејниот дом на ул. ‘Антон Чехов’, по претходна расправија, бил физички нападнат со тврд предмет од неговата ќерка М.Р. (31) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
се вели во полицискиот билтен.
Извор: 360stepeni.mk