СДСМ до крајот на мандатот на новата влада ветува дека ќе ја зголеми минималната плата на 20.000 денари, а просечната ќе изнесува 34 илјади денари. Ова денеска го најави претседателот на партијата, Зоран Заев, за време на прес-конференцијата во Штип на која зборуваа и Љупчо Николовски и Венко Филипче.
Заев уште кажа дека пензиите ќе се зголемуваат согласно трошоците на живот. Најниските пензии ќе се зголемат за 21 отсто до 2024 година.
На оваа програмска прес-конференција беа објавени некои од главните столбови од програмата на СДСМ. Заев најави дека партијата се обврзува на 4 милијарди странски инвестиции, засновани на иновации, на висок степен на финализација на производи и услуги и оддржливост на бизнисите.
Освен тоа, Заев вети и 2,2 милијарди евра јавни инвестиции и 1,2 милијарди евра директни приватни инвестиции. „Тоа ќе донесе намалување на невработеноста на ниво од 3 отсто годишно и едноцифрена невработеност до крајот на мандатот“, рече Заев.
Според него, владата на СДСМ во новиот мандат ќе изгради експресни патишта во должина од 300 километри и локални патишта во должина од 950 километри и ќе продолжи со сериозни инвестиции во гасификација.