Поранешниот премиер Никола Груевски ќе си поднесе оставка од пратеничката функција. Оставката ја најави преку фејсбук, велејќи дека, правото, уставот и меѓународните документи се на негова страна, но не сака поради него, партијата и пратениците да бидат изложени на притисоци, на лажна пропаганда, на непријатности и на медиумски линч од страна на владата.
Опсесијата со мене ја натера власта набрзина и хистерично да менува закони, деловник за работа на парламентот и вообичаената пракса на работа во парламентот само за да ги задоволат своите лични фрустрации,комплекси и опседнатост со мене до степен на ,,кошмар,,, како и потребата со лажна пропаганда да ги задскриваат своите катастрофални и ненародни политики. Дојдоа до степен на секретарката во парламентот да и забрануваат да ме пријави како оправдано отсутен.
Но, ни тоа не им помогна, бидејќи што и да сменат тие неможат да ја променат ниту отфрлат универвезалната декларација за човекови права на ООН, ниту да го променат уставот, а дури и да го променат би требало ретроактивно да го применат, напиша експремиерот.
Груевски пишува дека за својата одлука ќе го извести Собранието. Но, потпретседателот вели дека Собранието нема да му ја прифати оставката.
И во членот 57 од собранискиот деловник за работа стои истото, дека оставката се поднесува лично. Од кабинетот на собранискиот спикер не сакаат да се изјаснат се` додека не видат на кој начин ќе биде поднесена оставката. Во меѓувреме, од СДСМ реагираа дека, Груевски од Будимпешта дава команди, а Мицкоски исполнува.
Со најавената оставка Никола Груевски му помага на Мицкоски, го спасува, за неговата потчинетост и неспособност да постапи по закон, кои се веќе толку видливи и граѓаните ги препознаваат. Пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои се обвинети во судски процеси, меѓу кои и Трајко Вељановски, Тарчуловски и Милошовски треба да поднесат оставки од морални и правни причини, сметаат од владејачката партија.
На ова добија одговор да си ја гледаат својата работа.
Груевски е во азил од средината на ноември минатата година, кога требаше да биде притворен за предмет на СЈО. Деновиве е поднесено и дополнително обвинение против него како организатор и нарачател на нападот на Собранието на 27 април 2017 година.Комисијата за мандатно-имунитетни прашања веќе одобри одземање на неговиот мандат, а точката требаше да се најде на дневен ред на седница кон средината на месецот.