Ги немаа Салах и Фирмино, но фудбалерите на Ливерпул во реванш натпреварот со Барселона во полуфиналето во Лигата на шампионите влегоа со голема верба дека минусот од „Камп Ноу“ е надоместлив. И во текот на сите 90 минути имаа неверојатна поддршка од трибините на култниот „Енфилд“.
Првиот гол на Ориги дојде на време, како што и посакуваа домашните фудбалери и фановите. Го прославија во седмата минута и уште толку ги подгреа надежите за пресврт, па макар и преку продолженија. Со двата на Вајналдум, во само две минути во вториот дел, севкупниот резултат во двомечот беше израмнет 3:3. Со тоа што до крајот имаше уште доста и за четврти гол. А, кога го постигна Ориги во 79. минута, на стадионот настана делириум и веќе се наѕираше губитничката вечер на Барселона.
Грмнаа грлата на домашните со препознатливите стихови „You’ll never walk alone“ што се пееја долго по последниот свиреж на главниот судија Чунејт Чакир од Турција, но и надвор од стадионот, низ улиците во градот. На момците во „црвено“ им требаше време да сфатат дека успеаја до посакуваниот подвиг додека нивните колеги во светло зелена опрема збунети, во прашалници, со неверување и со наведнати глави се упатија кон соблекувалната.