Заев не очекува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бојкотира изборите, затоа што партијата учествува во процесот и има кандидатски листи, но е категоричен дека изборите мора да се одржат на 21 јуни, или евентуално една седмица подоцна на 28 јуни, ако на 30 мај заврши вонредната состојба.
Ако не се договориме со опозицијата, ако не постигнеме консензус, тогаш одиме на избори според Уставот и законите на 21 јуни, со 14 кандидатски листи и верувам дека излезноста на граѓаните ќе биде максимална, порача вчера претседателот на СДСМ, Зоран Заев, откако завчера без успех заврши лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, на која парламентарните партии не се договорија за датум за претстојното гласање кој е прифатлив за сите.
Заев не очекува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бојкотира изборите, затоа што партијата учествува во процесот и има кандидатски листи, но е категоричен дека изборите мора да се одржат на 21 јуни, или евентуално една седмица подоцна, на 28 јуни, ако на 30 мај заврши вонредната состојба која е воведена поради здравствената криза со коронавирусот.
– Ако не се договориме, не е прашањето што сака СДСМ и коалицијата или што сакаат нашите партнери во Владата како ДИУ или Алтернатива, туку прашањето е што велат Уставот и законите. А велат дека, ако вонредната состојба заврши на 30 мај, тогаш изборните дејства продолжуваат веднаш и од денот на прекинот на вонредната до изборите има вкупно 22 дена. Ако некој сака да ги одложи изборите, нека покаже како се прави тоа според Уставот и законите. Ние нема да дозволиме незаконско одложување на изборите, или што било незаконско во врска со процесот, затоа што кој било граѓанин со само една претставка пред Уставниот суд ќе ги урниса изборните резултати. Имаме можност да разговараме уште неколку денови и потоа од 31 мај законските рокови ќе стапат на сила – рече вчера Заев на прес-конференција.
Бојкотот не е посакувана опција
Тој повтори дека на лидерската средба партиите предложиле различни датуми како најповолни за гласање и дека сите ги соочиле своите аргументи.
– Поддршка за 21 јуни дадоа ДУИ, ДПА и Беса, а Алијансата за Албанците и Алтернатива го предложија 26 јули. ВМРО-ДПМНЕ го номинираше датумот 23 август или 30 август и евентуално септември. Ги разгледувавме документите од Комисијата за заштита од заразни болести, од Државната изборна комисија и од ОБСЕ/ОДИХР. Светската здравствена организација кажува дека во текот на летото државите треба да се подготват за нов бран на коронавирусот наесен, треба да ги прошират болниците, да набават нови легла, респиратори итн. Дај боже да нема втор бран од септември, но ако го има, што правиме тогаш? Сите дадоа поддршка, освен ВМРО-ДПМНЕ која инсистира да се гласа наесен, што за нас е неприфатливо. Сакаме да имаме договор, но ако нема договор, остануваат Уставот и законите на државата – категоричен е Заев.
Тој не би сакал да оди на избори без најголемата опозициска партија и смета дека не може да има бојкот на избори затоа што досега сите партии учествува во предизборните процеси, односно изразија волја, поднесоа листи, кандидатите пополнија нотарски изјави, а ДИК ги прифати листите и го заврши ждребувањето за редоследот на гласачкото ливче.
– Изборите се јасно дефинирани и процесот е замрзнат на 22 дена пред крајот. Не сакаме никој да бојкотира ниту кампања, сакаме сите да учествуваат. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара лидерска средба, претседателот Пендаровски ја закажа, тој побара уште една недела, а тоа е купување време и дојде на средбата без аргументи. Нека ги ценат граѓаните аргументите. Може да има бојкот на претстојната кампања, но такво нешто воопшто не е посакувано – рече Заев.