Според лидерот на СДСМ, со оглед на тоа што сега е лето, продолжувањето на изборниот ден нема да претставува проблем
Електронско гласање или продолжување на времето за гласање, предложи лидерот на СДСМ Зоран Заев во вечерашното гостување на Телма, со оглед на тоа што претстојните парламентарни избори треба да се спроведат во деликатни околности поради корона-кризата.

„Би било одлично кога би можеле електронски да ги спроведеме изборите, но и опозицијата да се сложи со таков модел на гласање. Во земјите каде што се гласа на ваков начин, тоа прво се усогласува со закон“.

истакна Заев.
Тој рече дека се согласува и со продолжување на изборниот ден.

„Сега зборуваме за избори во јуни, а тоа гледано календарски е лето од 21 јуни. Тогаш зошто гласањето да не почне од 6 наместо од 7 часот и зошто да не трае до 22 часот вечерта или до 21 часот. Така ќе се добијат уште три до четири часа за спроведување на изборите“,

објасни Заев.
Во однос на гласањето во услови на епидемија, Заев посочи дека нема да има големи промени, бидејќи, како што рече, и до сега се внимавало да се запази редот и да нема групирања на избирачките места.

„Ќе се знае дистанца определена од 1,5 до два метра, колку што е според здравствената комисија, носење на маски…. Се влегува се подава лична карта на дистанца, при легитимирањето ќе ја симнеме маската потоа ја враќаме маската и понатаму поминуваат стандарните дејствија. На влезот и на излезот дезинфицирање, а ако треба државата и да купи пенкала тоа ќе го направи, ќе купи еден милион и 800 илјади пенкала што од прилика чини 150.000 евра“,

рече Заев.
Тој нагласи дека, покрај гласачите, треба да бидат заштитени членовите на избирачките одбори, додавајќи дека очекува Комисијата за заразни болести да се изјасни како би се спровело сето тоа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here