Пред самиот почеток, како би се претставил Јован Илиески пред нашата читателска публика, кој е Јован – кратко CV?

Јован не би се дефинирал. Јас не знам и никогаш не сум знаел да направам CV, а и тешко дека ќе можам да се ставам во неколку реченици. Човек сум, со доста амплитуди и ненадејни случувања и внатрешно и надвор од мене. Само, ако постои некој збор со кој е доволно да се опишам, би рекол само – уметник. Сложен човек сум, а и како што растам, тоа го согледувам се` повеќе. И гледам да го сакам тоа, а не да бегам од истото.

Во период кога социјалните мрежи се особено популарни низ светот, колку си активен ти и која апликација најмногу ја користиш?

Јас сум доста активен, особено на Инстаграм. Во минатото користев и Твитер, а сега останав на најсекојдневните – Фејсбук и Инстаграм. Мене лично, Инстаграм е алатка која што премногу ми помогна да се зближам со читателите, да го проширам кругот на познанства, како и дозволам близок контакт со луѓе кои што не ги знам, само за да им помогнам, ако немаат никој па ми се обраќаат на мене. Тука сум за нив, секогаш. Впрочем, тоа и мислам дека е суштината на социјалните мрежи, меѓусебната поддршка.

Што најмногу објавуваш на Инста и Фејсбук, кој е твојот мотив кој сакаш да го упатиш кон твоите фанови и следбеници?

На Фејсбук најчесто се ангажирам околу актуелните случувања во нашата земја, затоа што Да – сметам дека човек кој работи нешто јавно или нуди одреден производ на јавноста, би требало да има став за нештата кои што се случуваат и да не биде тивок. Знаете, некогаш тука и помагаат тие платформи – еден јавен лик да го искаже својот став, и секако во позитивен социјален аспект да влијае на публиката. Додека пак, Инстаграм го гледам како нешто лично, кое што сакам да го споделам со јавноста. Како еден вид на моја галерија. Јас не блогувам, јас не сум инфлуенсер. Јас сум уметник, а инфлуенсерството е нешто кое што ќе помине. Целта ми е мојата публика да знае дека мора да се биде свој, да се биде автентичен за да се успее во она кое што срцето и умот тежнеат да го постигнат.

Во периодот си активен писател, а паралелно те гледаме и дека позираш како модел кој е голем љубител на фотографијата, но која е твојата желба за главно занимање во периодот кој следува?

Да, јас сакам да сум пред апарат, иако некогаш ме вознемирува јавното говорење, имам значителна социјална анксиозност, но, пред објектив сум свој. Јас сум писател, којшто допрва се гради како психотерапевт. Тоа е мојата единствена мисија и на тој пат сум.

Како почнува еден твој обичен ден, а како завршува?

Мене секогаш денот ми почнува со кафе. Јас сум зависник од кафе и го пијам со часови во текот на денот и непрестано пијам кафе. Денот не може да ми помине ако не се видам со мој близок човек, роднина или пријател. Тоа ме енергизира. Обврските секако дека ги уважувам, како пишување и читање на стручна литература поврзана со психологија, а на крајот од денот, секогаш јадам чоколадо или било што, само да е благо. Ме исполнува и веќе со години е ритуал. А, и ден како ден, не може да помине без да бидам со мојот мачор значителен дел од времето.

Колку често читаш и кој е твојот омилен жанр на книга?

Јас уживам во психотрилери, тоа ми е на некој начин комфорт зоната, ама, читам и стручна литература, како што споменав. Читам кога имам време, секогаш. Искрено, сметам дека ретко кој писател чита премногу. Тоа е мит. Писателите пишуваат, а читањето го прават само некогаш. Знаете, тоа е исто како да кажете дека еден актер мора или треба премногу да гледа филмови. Не, тоа не го прават повеќето. Писателството на крајот од денот е професија и јас сум повеќе во улога на тоа – писател, а не читател.

Најдобар пистател\ка во Македонија и светот?

Не постои такво нешто. Јас верувам во индивидуалното. И секој уметник создава свет кој е посебен од другиот. Најдобар не е суперлатив кој може да му се препише на еден уметник. А, и без тоа, уметноста е многу релативна. Тоа што е уметност за мене, не е и уметност за некој друг. Од тој аспект, и го почитувам другиот ако ми каже дека не му се допаѓа мојот пишан збор, затоа што и не мора да му се допаѓа. Секој има свој вкус и ако нешто не е мој вкус, не значи дека не е добро, туку само дека не е едноставно мој вкус. Од домашни писатели кои ги поддржувам и уживам во нивниот пишан збор е и моја преблиска, Ксенија Николова, а светската книжевна сцена е нешто гигантско и изборот е бесконечен.

Дали имаш омилен лик од светот на модата?

Одамна не сум размислувал за вакво нешто, ама сега ме навративте да се сетам кого најмногу гледам во слободно време. Не би рекол омилени, ама би рекол инспиративни – Донатела Версаче, Оливер Рустинг и Карл Лагерфилд. Ете, светото тројство, на кое што сега се сетив, а не сум размислувал претходно, искрено.

Која е твојата главна мотивација, од што црпиш инспирација за пишување на книги?

Црпам инспирација од секаде. А, некогаш, копам длабоко во себе и таму ја наоѓам. Всушност, како што созревам како писател, инспирацијата ја барам во себе, можеби и не во мои лични искуства, ама секогаш ја наоѓам во себе, не ја барам наоколу. Кратки прозни текстови можам да напишам инспириран од било што во текот на денот.

Но, кога се работи за прозно дело, како моите четири романи, мора да се седне и сериозно да се работи на тоа. Пишувањето на една книга, на една долга приказна, не мора секогаш да е поддржано од внатрешна инспирација, ама мора приказната да живее во мене, мора ликот да го чувствувам близок и да имам емпатија за луѓето за кои што пишувам. Звучи лудо, затоа што тие постојат само во мојата глава, ама тоа е суштината.

Каде обожаваш да патуваш низ Македонија, а каде сакаш допрва да патуваш низ Европа и светот?

Јас не сум човек што патува, искрено. Најмалку пак низ Македонија. Ја сакам нашата земја и сметам дека има прекрасни места, дури и светски, ама не сум се врзал да го правам тоа, на друг пат ме носи внатрешното. А, инаку со задоволство би ја посетил пола Европа, само поради богатата историја. Не сум љубител на историја, ама од таму и те како ќе црпам инспирација. И јас како човек, верувам во спонтаното и не ги форсирам нештата. Никогаш не сум ни помислил на Азија, а место каде што следно ќе заминам е Бали, Индонезија.

Според тебе, дали Македонија нуди светла иднина за млади писатели кои допрва ќе ја градат својата кариера во сопствената земја?

Нашата држава има потенцијал и тоа голем за млади писатели, мои колеги со кои имам еден поформален однос, луѓе кои што ги знам, а и не ги знам, или пак имам слушнато за нив. Македонија е плодна почва, затоа што имаме и прилично богат јазик.

Тежок е патот додека испливаш на површина на водата, потоа е лесно да чекориш по тој пат. Но, да останеш на површината е најтешкиот дел. Мора да постоиш, мора да се случуваш на себе и на луѓето, да те доживуваат, да те чувствуваат близок, особено како еден писател.

Каде се гледаш за 5 години, што правиш сега за да бидеш во блиска иднина?

Прашањево го имам одговорено пред околу пет години исто така и сега само се чудам како животот ме донесе тука. Конкретно, се гледам како гешталт психотерапевт и писател. Кратко и јасно.

Твоја омилена фотографија?

Кој е твојот идол, ваша ѕвезда водилка?

Јас немам сега идол. Порано, се поистоветував со Толстој поради писателствувањето, ама сега, не се гледам во него и тоа не знам и дали е воопшто дефиниција за идол.

Само верувам во човекот во кој сакам да се претворам, тоа е моето единствено мото.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here