По две недели одмор ќе добијат здравствените работници во ГОБ “8 Септември“, болница која веќе четири месеци функционира како Ковид центар. Ова за НОВА го изјави проф.др. Христијан Костов, директор на болницата.
Списоците за одмор за лекарите се веќе направени, се прави распоред за медицинските сестри за да се види кои ќе имаат приоритет за одмор, а кои ќе останат да чекаат за од септември.
„ Од 10 јули ќе можат да користат одмор по две недели. Списоците за лекарите веќе се направени, а за медицинските сестри се прават анализи бидејќи некои од нив кои беа позитивни или во самоизолација останаа дома подолго време, некои и по еден месец и тие ќе може да земаат одмор од септември“, изјави за НОВА, директорот Костов.
Тој вели, има разбирање дека се преморени, особено во одделот за интензивна нега и шок соба и токму затоа е донесена оваа одлука. Претходно за нив не беше предвиден одмор како на другите клиники иако тие не лекуваат пациенти со Ковид.
Лекарите, анестезиолозите кои ги третираат најтешко болните велат дека се на крај на силите и дека се уште се воздржуваат од крајните мерки, без да прецизираат какви се тие крајни мерки. Сепак, нагласуваат дека нема да ги напуштат пациентите бидејќи тие не смеат да страдаат, но трпението веќе е на граница.
Бараат да се донесат лекари од други болници во внатрешноста и да се организира обука за медицинските сестри кои доаѓаат од други болници за да можат да се снајдат во новите и многу тешки услови со пациенти на респиратори.
„Трпението е на граница, но се уште се воздржуваме од крајните мерки. Никогаш не би ги напуштиле пациентите, тие не смеат да трпат. Но, треба да се знае дека товарот е префрлен на нас, тука се носат најтешко болните. Дежурствата се многу напорни, сега е топло а ние сме со заштитна опрема, со скафандери, маски наочари, неколку пара ракавици. Неиздржливо е “, велат лекари од одделот за интензивно лекување на пациенти со Ковид.
Анестезиолозите секојдневно се борат за живот на најтешко болните, ги интубираат, реанимираат, ги приклучуваат на респираторни машини во моментите кога се задушуваат за воздух. Медицинските сестри паѓаат од умор, колабираат, повраќаат од премореност од работа. Затоа бараат да се стопира приемот на нови пациенти и да се промени пристапот за да не биде целиот товар на болницата „8 Септември“.
“Треба да има промена на пристапот, болниците во внатрешноста да си ги примаат пациентите од тие градови и околината. Досега требаше овие медицински центри да се подготват, технички да с е опремат, а медицинскиот кадар да се обучи за пристапот во лекување на пациенти со Ковид“, велат лекарите.