Откако вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави можност дека ќе делуваат како опозиција во Собранието, а ДПА соопшти дека ја прифатилa понудата од СДСМ да бидат дел од новата извршна власт, сѐ поизвесно е дека лидерот Заев ќе ја составува идната влада, чија стабилност може да ја обезбеди со поддршка од сите албански парламентарни партии.
Сѐ поизвесно е дека СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев ќе ја состават идната влада, откако вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави можност дека ќе делуваат како опозиција во Собранието, а ДПА соопшти дека ја прифатила понудата од СДСМ да бидат дел од новата извршна власт.
Досега СДСМ ниту еднаш не се споменале себеси во контекст на опозиција, а според последното соопштение, тие ќе „создадат стабилно мнозинство во парламентот и ќе формираат посветена влада која ќе се движи брзо напред“, што се толкува како влада составена од Коалицијата „Можеме“ на СДСМ и Беса и сите албански партии што освоија пратенички мандати. Во таков случај СДСМ може да состави стабилна влада, во која како коалициски партнери би влегле ДУИ, Алијансата за Албанците, Алтернатива и ДПА и сите заедно би броеле 74 пратеници, а како опозиција би останале ВМРО-ДПМНЕ и Левица со вкупно 46 пратеници.
Мицкоски го гледа ВМРО-ДПМНЕ и во опозиција
Мицкоски вчера најави дека ќе има средби со останатите партии во претстојниот процес на формирање на парламентарното мнозинство, но не сакаше да открие детали со кого и за што преговара.
– ВМРО-ДПМНЕ во периодот што претстои ќе се обиде да формира парламентарно мнозинство од 61 пратеник, но не по секоја цена. Врз основа на таа поддршка што би ја добила идната влада, ќе ги спроведеме политиките што ги ветивме пред граѓаните. Се разбира, доколку не успееме, ВМРО-ДПМНЕ останува во опозиција и ќе се бори против сите погрешни политики што би ги водело парламентарното мнозинство. Без разлика дали ќе продолжиме да делуваме како власт или опозиција првата работа што ќе ја покренеме во Собранието е закон за испитување на потеклото на имотот на политичарите и на функционерите – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека за него политиката е на ниво на филозофија, а не на пазар и обвини дека на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ им приоѓале лица што им нуделе пари за да преминат на другата страна.
СДСМ најавува стабилна влада со помал број министри
Сепак, Зоран Заев и СДСМ имаат поинаква математика од онаа на Мицкоски и вчера партијата најави дека почнува сериозни преговори за идната влада што ќе ги води со претседателите на политичките партии, како и со работни групи и членови на партиските раководства.
„Разговараме исклучиво за формирање влада која се грижи за сите граѓани еднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или национализми, влада која нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат што се вика Северна Македонија – „Едно општество за сите“. Разговараме за влада што ќе се бори со криминалот и со корупцијата на сите нивоа, а особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката на потекло на парите и капиталот кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе го договориме“, соопшти вчера СДСМ.