Министерството за внатрешни работи ќе ги истражува случаите со самоповредување на неколку ученици во Битола, поврзани со компјутерската игра – „Син кит“, пренесува МИА.
Официјално барање за отпочнување постапка било доставено во текот на вчерашниот ден, од страна на директорот на ОУ „Коле Канински“ од Битола, откако во училиштето биле забележани појави на самоповредување на учениците.
Во соопштение до јавноста, од СВР-Битола нагласуваат дека се постапува со најголема сериозност по барањето со цел расчистување на овој случај.
Во меѓувреме, како што информираат од СВР Битола, се преземаат координирани активности со вклучување на стручните педагошки и психолошки служби на училиштата, Центарот за социјални грижи и здравствените институции.
Последниве неколку месеци, дел од светските агенции, но и порталите од регионов предупредија за потенцијлната опасност од играта „Син кит“ и карактерот „Момо“, кои од малолетните играчи бараат да постапуваат според нивните инструкции, најчесто да се самоповредат или да скокнат од повисоките катови на зградата, под закана дека ако не ги исполнат барањата ќе им се појават и ќе ги повредат нив или нивните родители.
Играта „Синиот кит“ потекнува од Русија и со неа веќе се поврзуваат неколку случаи на самоубиство на малолетници во повеќе делови од светот.
Карактерот „Момо“ пак, е измислена вирална приказна којашто е помогната од фотографија на грд мутиран женски лик. Зад него не стои конкретна програмска креација туку се потхранува од имагинациите и фантазијата на децата, која често пати оди предалеку.