Почнаа да се уриваат објектите на Јавното претпријатие за стопанисување на станбен и деловен простор, во кои беа сместени околу десет семејства. Градежните машини од денеска почнаа да го расчистуваат теренот на којшто треба да поминува трасата за доизградба на булеварот „Партизанска“ и каде што ќе се гради и кружен тек.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека десетте семејства ќе добијат типски куќи со што ќе го решат своето станбено прашање.

-Постигнавме договор со жителите на овие објекти кои датираат повеќе од 50 години. Истите ќе бидат срушени, станарите ќе добија типски куќи. Повеќе од десет семејства ќе бидат сместени во типските куќи. Овде продолжуваме со активностите и очекуваме до крајот на летото согласно динамиката на оваа локација, каде сега се наоѓаме да има еден прекрасен кружен тек и поврзување на булеварот „Партизанска“ меѓу населбите Осми Ноември, Сењак 4 и населбата Баби, изјави Јорданов.

Изградбата на типските куќи во населбата Света Недела се во завршна фаза и за неколку дена треба да бидат ставени во функција, односно во нив да се вселат над 40 семејства од ромската заедница. Во меѓувреме, семејствата од овие објекти, кои се уриваат денеска се сместени привремено кај роднини и пријатели, а на располагање е и Студентскиот дом во центарот на градот.

-Поголем процент од станарите се сместија кај нивни роднини, кај пријатели затоа што типските куќи интезивно се работат. Во прашање се денови кога истите ќе бидат ставени во функција. Еден мал дел се сместени во приватен објект кој ние го мониторираме, така да верувајте многу брзо типските објекти ќе бидат ставени во функција, рече Јорданов.

Доизградбата на булеварот „Партизанска“ е во должина од еден километар, но активностите беа прекинати заради овие објекти. Со отстранувањето на истите, ќе продолжи реконструкцијата, ќе се изгради нов кружен тек и ќе се постави 20 – метарски крст. Градоначалникот, Јорданов вели дека очекува изградбата на булеварот „Партизанска“ да заврши во септември.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here