Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај изјави дека е ,,американски војник на терен кој извршува наредби”. Тој наведе дека само ги применува наредбите во однос на ситуацијата на теренот и дека верува оти со зајакнувањето на Косово ќе зајакнат и американските интереси и ги отстрануваат руските и другите интереси.
,,Нашите ставови се слични со она за што Америка се залага, а оние коишто се на терен се свесни за тоа, а јас сум војник на Америка на теренот”, рече Харадинај. Односите на Косово и САД тој ги оцени како добри, а царината од 100 отсто за српската стока, рече дека е воведена против интересите на Србија и Русија на Балканот.
Државничката униформа совршено му прилега на поранешниот командант на бунтовниците, пишува Шпигл за премиерот Рамуш Харадинај, додавајќи дека е „опкружен со полтрони што го гледаат со стравопочит.“
„Да не беа Харадинај и неговите другари, најмладата европска република можеби немаше да постои. Во текот на деведесеттите години, во најжестоката фаза на бунтот на етничките Албанци против српските окупатори на Косово, тој командуваше дел на Ослободителната војска на Косово, под воениот прекар Смајл. Денес е шеф на влада во земја што го бара своето место во Европа“, вели Шпигл.
Шпигл потсетува дека Харадинај двапати беше изведуван пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг поради обвиненија за злосторства против човештвото, вклучувајќи убиство и силување, и дека на крајот беше ослободуван. „Го направив тоа што требаше“, рече тој, иако, како што вели германскиот неделник, звучи како тој да не учествувал.
Харадинај тврди дека за време и по војната било прашање на „опстанок во едно општество на беззаконие“. „Дури и денес, во државничка униформа, Харадинај е борец“, вели Шпигл потсетувајќи дека тој воведе данок од сто проценти на стоката од Србија, во обид да го принуди Белград да го признае Косово, „иритирајќи ги САД, заштитникот на таа држава.“