Доколку и после првомајските празници нема новозаболени со Ковид 19, ќе се смета дека Штип ја надминал корона кризата. Веќе една недела нема регистрирано позитивни случаи, но многу поважно е што 25 се излекувани.
– Јас сум умерен оптимист, еве морам да ги пофалам граѓаните на Штип дека сериозно ги сфатија препораките и опасноста од вирусот. По појавата на оние два, три кластери, после имавме период на стагнација и сега имаме период во којшто подолго немаме ново заразени пациенти, изјави Ален Георгијев, Директор на клиничка Болница- Штип.
Помеѓу излекуваните се и 6 здравствени работници. За една докторка и една медицинска сестра се уште се чекаат резултатите за втор негативен тест.
-Вратени се на своите редовни работни обврски. Се надеваме дека многу брзо и преостанатите две ќе станат негативни и ќе бидат излекувани, додаде Георгијев
Во моментот во Штип има 7 активни случаи од вкупно евидентираните 34-ца. На инфективното одделение има 3 хоспитализирани пациенти од Пробиштип и Пехчево. За пациентите кои се на болничко лекување и се сомнителни на вирусот брисовите се праќаат во лабораторијата во МАНУ и резултатите ги добиваат истиот ден.