Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денеска оствари прием на каратистите од Карате клуб (КК) „Штип“ – Љупче Михајлов и Марко Џорлев, кои освоија бронзени медали, како и со Драгана Ефтимовска, која го освои високото петто место на престижната Светска младинска карате лига одржана во Пореч, Хрватска. На средбата младите спортисти го споделија своето искуство од турнирот, говорејќи за патот до успехот, предизвиците, како и посветеноста и трудот кои ги вложиле за ова силно натпреварување.

Јорданов упати искрени честитки и изрази голема благодарност од името на сите граѓани на Штип за овој извонреден резултат, потенцирајќи дека вакви успеси се од особено значење за промоцијата на Штип и Македонија на меѓународната сцена.

-Овој успех е потврда дека Штип и понатаму останува расадник на спортски таленти. Вие сте гордост за градот и пример за младите генерации“, истакна Јорданов. Тој упати посебна благодарност и до тренерите Сашко и Жарко Арсовски за нивниот долгогодишен придонес, професионализам и несебична поддршка кон развојот на младите каратисти, рече Јорданов.

Тој потенцираше дека Општина Штип ќе продолжи со поддршка на спортот, бидејќи ваквите успеси се мотив повеќе за зајакнување на инвестициите во спортската инфраструктура и младинските програми.

-Спортската среќа е важен елемент, но токму упорноста, дисциплината и континуираниот труд се тие што носат долгорочни резултати. Со заеднички напори, во периодот што следува силно верувам дека ќе можеме да постигнеме уште поголеми успеси, вели Јорданов.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here